Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, изјави дека средбата со Доналд Трамп би била „исклучително корисна“ за американскиот лидер, бидејќи, како што вели тој, би му ги „отворила очите“ за клучните глобални прашања, првенствено за односите меѓу САД и Русија и ситуацијата во Украина.

„За разлика од сите што трчаат околу него, јас би му ги отворил очите за многу работи. Вклучувајќи ги односите меѓу САД и Русија, особено за конфликтот во Украина. И, секако, за позицијата на Белорусија“, рече Лукашенко во интервју за „Тајм“, чие снимање го објави агенцијата БелТА.

Белорускиот претседател откри и дека се пошегувал на средбата со американските претставници дека „на Американците им недостасува диктатор“. „Ми одговорија дека имаат доволно свои. Реков дека размислувам за себе – би имал многу да му кажам на нивниот претседател“, додаде Лукашенко.

Изјавата дојде откако Лукашенко се сретна во Минск со специјалниот претставник на американскиот претседател, Кит Келог, кој стана највисокиот американски функционер што ја посети Белорусија во последните години.

Во интервју за „Тајм“, Лукашенко ја поддржа „цврстата политика на Трамп кон Европа“, наведувајќи го како пример извозот на украинско жито. Според него, Трамп сакал да транспортира жито од Одеса преку Полска и да го испрати до европските пристаништа, но не му е дозволено да го стори тоа бидејќи се плаши од појавувањето на тоа жито на европскиот пазар.

Белорускиот лидер изрази подготвеност да организира трилатерална средба меѓу Владимир Путин, Доналд Трамп и Володимир Зеленски во Минск, со оценка дека двајцата претседатели ќе бидат задоволни од изборот на белоруската престолнина како преговарачка платформа.

Тој, исто така, го пофали потпретседателот на САД, Венс, нарекувајќи го „пристоен човек“ кој би можел да стане нов американски лидер, додавајќи дека се надева дека ќе ја продолжи политиката на Трамп кон ЕУ.

Лукашенко ги повика Американците да го „покренат“ Трамп за да го охрабри Зеленски барем да се согласи на „воздушно примирје“, предупредувајќи дека светските односи драстично ќе се променат во следната деценија и дека решенијата треба да се бараат врз основа на сегашната реалност.

Фото: принтскрин

Текстот Лукашенко: Би му ги отворил очите на Трамп е превземен од МАКФАКС.