Украинската Трета ударна бригада, која е формално интегрирана во вооружените сили на Украина, повторно се најде во фокусот на јавноста поради обвинувања за неонацистички симболи меѓу нејзините припадници. Според истражувачкиот текст објавен од францускиот весник „Ле Монд“ (Le Monde), стотици војници од оваа елитна бригада јавно објавуваат фотографии на социјалните мрежи со нацистички симболи – вклучително и поздрави, кукасти крстови и ознаки поврзани со СС единиците од нацистичка Германија.

Како што нагласува весникот, Третата ударна бригада е директен наследник на баталјонот „Азов“, кој во изминатите години доби репутација како неонацистичка паравојска, пред да биде формално интегрирана во армијата на Украина. Иако властите во Киев ветија „ребрендирање“ и деконтаминација на нејзиниот имиџ, доказите од теренот покажуваат дека радикалната естетика и симболика сè уште се присутни.

Новинарите на „Ле Монд“ посочуваат дека користењето на овие симболи кај дел од војниците не е случајно – кај некои од нив тоа претставува идеолошка определба, додека кај други се користи како метод за заплашување и демонстрација на сила. Овие наоди предизвикаа сериозни критики во дел од меѓународната јавност, особено со оглед на поддршката која Украина ја добива од западните држави.

Весникот потсетува и на настан од 14 јуни во Киев, кога за време на „Маршот на еднаквоста“ организиран во поддршка на ЛГБТИК+ заедницата, се одржа паралелен контрапротест под наслов „Марш на традицијата“, организиран од националистичкото движење „Карпатски сич“. Според објавите на социјалните мрежи, дел од учесниците на овој контрапротест користеле гестови кои потсетуваат на нацистички поздрав.

Она што дополнително предизвика реакции е фактот што и покрај присуството на полицијата на настанот, не е забележана никаква интервенција или реакција од надлежните служби.