Целта на Владата на Косово е да постигне договор со Србија и да ги нормализира односите во 2022 година, изјави денеска косовскиот премиер Албин Курти, додавајќи дека тоа многу повеќе зависи од Белград.
„Договор кој не подразбира меѓусебно признавање, се разбира, за нас не е прифатлив и никому не би му користел, додека постигнувањето конечен договор би било од корист за двете земји, бидејќи ќе го забрза процесот на евроинтеграции“, рече Курти.
Тој напомена дека Србија сака да го продолжи европскиот пат, но дека тоа не е можно без признавањето на Косово, додека, од друга страна, Приштина сака европски и евроатлански интеграции, што бара и целосна нормализација на односите со Белград.
Косовскиот премиер додаде дека Србија има дилеми, бидејќи има договор за слободна трговија со Русија, купува оружје од Русија и е членка на Евроазиската економска унија, додека Косово е на чист европски пат.