Кремљ објави дека не очекува никаков брз напредок во решавањето на исклучително сложениот конфликт во Украина и дека не верува оти набргу ќе биде договорена средба меѓу украинскиот, рускиот и американскиот лидер, Володимир Зеленски, Владимир Путин и Доналд Трамп.
„Би било погрешно да се очекуваат моментни одлуки и напредок“, изјави портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, денес, за време на дневниот брифинг за новинарите.
Тој одговори на прашања од новинарите еден ден по втората рунда директни руско-украински преговори, што се одржаа вчера во Истанбул, со посредство на Турција.
„Прашањето за решение е исклучително сложено и содржи многубројни нијанси“, додаде Песков и потсети дека Москва, пред сè, сака да ги елиминира длабоките причини за конфликтот за да постигне мир со Киев. Тој оцени дека е малку веројатно оти средба меѓу Владимир Путин, Володимир Зеленски и Доналд Трамп ќе се одржи во блиска иднина, како што наговести Турција синоќа.
„Во блиска иднина тоа изгледа малку веројатно“, изјави Песков за новинарите за време на редовната дневна прес-конференција.
Синоќа, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предложи да се организира таков самит, што всушност веќе беше иницирано од Киев, а Белата куќа објави дека Доналд Трамп изјавил дека е подготвен да оди на таков состанок.
Текстот Кремљ не очекува брз напредок во решавањето на конфликтот во Украина е превземен од МАКФАКС.