Елен Деџенерис ја сними последната епизода од своето ток-шоу.
Последната епизода од шоуто, која завршува по 19 сезони, ќе се емитува на 26 мај.
Водителката по снимањето се огласи на Инстаграм.
„Кога го започнавме ова шоу во 2003 година, iPhone не постоеше. Социјалните мрежи не постоеја. Хомосексуалните бракови не беа легални. Гледавме како се менува светот, понекогаш на подобро, понекогаш не. Но што и да се случи, мојата цел отсекогаш беше да се направи шоуто да биде место каде што сите можеме да се собереме и да се смееме еден час. Да бидам поканета во вашите животи беше најголемата привилегија во мојот живот и ми донесе неверојатна радост. Ви благодарам. Ви благодарам. Ви благодарам“, порача таа.
„Веќе не е предизвик за мене“
Уште во мај минатата година, Елен објави дека ќе заврши со снимање на ток-шоу.
„Колку и да е одлично ова шоу и колку и да е забавно, едноставно веќе не е предизвик за мене“, изјави таа тогаш за The Hollywood Reporter.
Веста за крајот на снимањето дојде само неколку месеци откако поранешните вработени излегоа во јавноста со приказни дека сетот на серијата е „токсично место за работа“.
После тоа, тројца продуценти останаа без работа, а Деџенерис ја отвори тековната сезона со извинување во етерот.
Шоуто се емитува од 2003 година и е едно од најпопуларните ток-шоуа во САД и едно од најпознатите во светот.
„Сакав да го завршам шоуто по сезона 16. Тоа требаше да биде мојата последна сезона, но тие сакаа да потпишам договор за уште четири години. Реков дека ќе потпишам можеби уште една година. Тие не се согласија на една година, па најдовме компромис за три. Знаев дека тоа ќе биде мојата последна сезона“, рече Елен.