Фудбалот на Сицилија, каде во март годинава ќе гостува Македонија во мундијалскиот полуфинален бараж со Италија, доживеа комплетен крах откако и вториот култен клуб од овој италијански остров замина во историјата и банкротираше.
Само две години откако сицилијанската гордост Палермо отиде во банкрот, па македонските репрезентативци Илија Несторовски и Александар Трајковски мораше да си заминат, сега Катанија е вториот голем клуб и поранешен калчолигаш кој оди во банкрот, а со тоа и комплетната историја на клубот. Палермо со ново име, нов грб и нов регистрациски број тргна од Серија Д, а сега истиот пат ја чека и Катанија.
Крахот на фудбалот на Сицилија само ја потврдува катастрофалната финансиска клима на Апенините, а ова е трет култен клуб кој оди во банкрот, зашто годинава тоа му се случи и на Киево од Верона.
Судот во Катанија донесе одлука дека фудбалскиот клуб е неликвиден, па до крајот на сезонава тројца стечајни управници ќе го водат клубот, а потоа следи трагичното сценарио со испаѓање во четврта лига и почнување на нова приказна за клубот кој ќе мора да смени сѐ од досегашниот, а шанса единствено да се спасат старото име и грбот е ако во овој период на стечај успее некој инвеститор да ги откупи истите, но и најмалку да обезбеди 2,5 милиони евра за да се доигра сезоната. Долгот на клубот е 15 милиони евра, а до моментов нема никој заинтересиран за да го спаси овој клуб.
Катанија играше 17 сезони во Серија А, 34 сезони во Серија Б, а 36 сезони во Серија Ц