Двојките се расправаат за многу работи, некои теми се минливи, некои подлабоки, но некои иако делуваат безначајни, може со тек на време да ја поткопаат врската и односот кон партнерот.
Една неодамнешна анкета покажа дека чекањето е причина за околу 30 расправии годишно во една просечна врска. Сигурно ви е позната ситуацијата: треба да одите некаде, а партнерот или партнерката уште се подготвува или воопшто не е почната/а.
Истражувањето укажува дека жените сепак се оние кои најчесто доцнат на закажани состаноци или не се готови кога треба да се излезе од дома. Една од четири жени признале дека доцнат кога треба да се сретнат со пријателите, во споредба со 16 отсто од мажите.
Покрај ова, една од пет жени признале дека често доцнат и на работа, а само 13 отсто од мажите го признале истото.
Да не биде дека жените се секогаш виновни кога станува збор за доцнење и чекање, анкетата покажала дека кога се работи за пакување за на одмор, жените биле подготвени на време бидејќи почнуваат да се пакуваат неколку дена однапред, а мажите почесто оставале сѐ за во „5 до 12“.
На многу двојки им е познато сценариото кога едниот го чека другиот, оној што секогаш се подготвува побавно или почнува многу доцна. Тоа резултира со доцнење, а организираните луѓе го мразат тоа. Исто така сметаат дека оставаат лош впечаток и како двојка и како поединци, па тоа е најчестата причина за расправија меѓу партнерите, велат од агенцијата што ја направи анкетата.
Во анкетата учествувале 2.000 возрасни луѓе од кои 65 отсто од жените рекле дека се сметаат за одлично организирани луѓе, во споредба со 55 отсто од мажите.