Кој се „израдува“ на наводното загинување на 30 македонски државјани на боиштата во Украина

ДРАГАН МИШЕВ

Во соработка со Мониторинг тимот на ЦИВИЛ

Начинот на кој одредена вест се презентира кај одредени македонски медиуми, некритичноста, контекстуалноста и централизираноста која се користи при нејзиното пренесување може да се искористи да и се даде посакуваната насоката според патоказите на руските пропагандни наративи.

Очигледен пример за тоа како функционира руската пропаганда во дел од македонските медиуми е последното сензационалистичкото и некритично пренесување на веста споделена од руското Министерство за надворешни работи дека од 90 македонски државјани кои се пријавиле да се борат на украинска страна, 30-мина од нив веќе се убиени.

Одреден број македонски медиуми, координирано, (како) под команда, со сензационалистички наслови, ја пренесоа оваа вест на руското МНР, без притоа воопшто да се посомневаат, ниту со еден прашалник на крајот од реченицата, во вистинитоста на ова тврдење, за кое руската страна не нуди никакви релевантни докази. За проверка од трета независна страна не станува ниту збор, а воопшто не се ни прашува за методите преку кои е дојдено до ваквата (дез)информација.

Со ваквото ревносно ширење на недокажаните тврдења на руското МНР, се добива впечаток дека меѓу редовите недостасуваат зборови на восхит и изблик на радост кај домашните медиуми кој ја пренесоа веста дека наводно, на боиштата во Украина загинале нивни сограѓани.

Според кои методи руската страна го утврди учеството и бројот на загинати, дали добиле список со имиња како при туристичка посета при влез во земјата, или им ги проверувале личните документи на загинатите. И во двата случаја, изгледа неверојатно руската пропаганда немаше да се воздржи да ги објави нивните имиња, како поткрепа на своето тврдење. Нешто што во случајот, очигледно изостана. Ниту пак нашите медиуми се зарашаа, дали таквата информација, руското МНР, по протокол, ја спровело до македонското МНР / МВР, па и од таму да побараат изјава.

Ова секако не е прв пат. Ваква вест од руското МНР за загинати македонски војници се појави и во август 2022 година, само тогаш се манипулираше со малку помали цифри. И тогаш  македонското МНР излезе со соопштение дека не располага со релевантни информации поврзани со евентуалното учество на наши државјани во војната во Украина, ниту зазагинати македонски државјани во војната во Украина.

Епилог со докази за изнесените тврдења тогаш изостана, а како што може да се забележи, голем дел од медиумите кои тогаш известија за наводно учество и загинување на македонски државјани во војната во Украина се истите кои и сега ја пренесоа информацијата со слична содржина од руското МНР.

Мониторинг тимот на ЦИВИЛ Медиа, откако не најде релевантен доказ од други, независни извори, се обрати за информација до Украинските власти, од каде добивме одговор од нашите извори во владиниот сектор на Украина дека немаат такви информации, и дека во однос на бројките што ги дистрибуира само руската страна, тие можат да се сметаат за руска пропаганда.

Во исто време, препорачуваме проверка и недоверба на информациите што се појавуваат само во еден извор, велат извори од украинскиот владин сектор за ЦИВИЛ.

Во исто време, мониторинг тимот на ЦИВИЛ забележува дека со ова се фрла сомнеж врз наративите кои во последно време (во пресрет на парламентарните и изборите за претседател на државата) ги споделуваат високи функционери на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, кои преку средствата за јавно информирање со своите изјави го минимизираат, па дури и целосно го негираат руското влијание во Северна Македонија, следејќи ги наративите на руската пропаганда што ја отсликува долгогодишната стратегија што ја користи Кремљ – да ја убеди јавноста дека не станува збор за руско влијание кога се толкува отпорот, разочарувањето и недовербата кон демократските институции во земјава, уверувајќи ја публиката дека сето тоа ќе се промени со нивното доаѓање на власт. Особено, ако се зема предвид тека меѓу медиумите кои ја пренесоа оваа вест за наводно загинување на македонски државјани во војната во Украина, се наоѓаат токму оние кои се поснати како големи поддржувачи, а некои се и под директната палка на најголемата опозициска партија.