Вечерва, 26. јуни, во рамки на 46. издание на фестивалот „Скопско лето“ ќе се одржи концерт за деца насловен „Песна за жирафата“ во изведба на ансамблот „Консонанс“ со почеток во 20:00 часот во Сули ан.
Влезот ќе биде регулиран со влезници по цена од 300 денари (родител+дете), кои ќе може да се купат пред почетокот на настанот на влезот на Сули ан.
„Песна за Жирафата” е музичка приказна за деца која преку прекрасната музика на композиторот Ф. Ј. Хајдн и забавниот и едукативен текст, ни ги претставува и доловува специфичностите на секој од инструментите, на интересен и креативен начин.
Наменета за деца од различна ворзст, приказната ќе им ја разбуди љубопитноста за различните бои кои ги произведува еден жичан инструмент како што е виолината, или пак некој од дувачките инструменти како што се флејтата или пак кларинетот.
Во текот на музичката приказна, актерот толкувајќи го ликот на самиот композитор Ф. Ј. Хајдн, на еден мошне забавен и весел начин ќе ги едуцира децата за многу аспекти од класичната музика и инструментите кои се користат во нашиот ансамбл „Консонанс“.
Во оваа музичка приказна преку приказна и интеракција, децата ќе можат да се заапознаат со музиката од периодот на класицизмот и да ги слушнат аранжманите напишани специјално за овој концерт, кои нè едуцираат за познатата музика на Ф. Ј. Хајдн изведена од квинтет сочинет од следниве инструменти: виолина, флејта, англиски рог, кларинет и бас кларинет. Сите овие инструменти се солистички инструменти кои можат да настапуваат и сами, но најчесто се употребувани во поголеми ансамбли, во голем симфониски оркестар, оперска и балетска музика.
„Консонанс“ ансамблот основан во 2007 година, е истакнат ансамбл кој на почетокот беше составен исклучиво од дрвени дувачки инструменти, но денеска во својот состав вбројува и други инструменталисти кои го збогатуваат звукот на овој ансамбл.
„Консонанс“ е посветен на изведбата на камерната музика истражувајќи ги огромните можности пред сè на дрвените дувачки инструменти кои го сочинуваат ансамблот, а тоа се: флејта, кларинет, англиски рог, бас кларинет, како и останатите инструменти вклучени најчесто како концертни гости.
Ансамблот го сочинуваат членови од Македонската Филхармонија и тоа: Здравко Ангелов – кларинет, Маја Чанаќевиќ – англиски рог, Сашко Темелкоски – Бас кларинет и Елена Дојчинова – флејта како и виолинстката Ивана Здравкова. Сите овие музичари со долгогодишно искуство подеднакво се посветени на оркестарската, соло и камерната музика.
„Консонанс“ како ансамбл има настапувано на најпрестижните национални фестивали и настани во Македонија како и во Црна Гора, Бугарија, Хрватска, Турција и САД. Ансамблот има издадено и едно ЦД.
Утре, 27.06. (петок), во рамки на програмата на 46-тото „Скопско лето“ ќе се одржат два настана.
Со почеток во 20:30 часот во Сули ан ќе се одржи детска театарска претстава „Во царството на другарството“ во продукција на Театар Хит – Скопје.
Со почеток во 20:30 часот во Музејот на македонската борба за самостојност ќе се одржи концерт на Марија Ташевска (сопран) и Анастасија Кочева (пијано) насловен „Звуците на љубовта низ италијанскиот романтизам“.
Текстот Концерт за деца „Песна за жирафата“ вечерва на „Скопско лето“ е превземен од МАКФАКС.