Поранешниот тренер на Јувентус, Челси, Интер и селектор на Италија, Антонио Конте наскоро би можел да се врати во Премиер лигата, пишува Тутомеркато.
Иако се споменува како можен наследник на Оле Гунар Солскјер во Манчестер јунајтед, а на маса има понуда од најбогатиот фудбалски клуб на светот, Њукасл, Конте нема да седне на клупата на овие два клуба, туку во Тотенхем.
Тутомеркато пишува дека првиот човек на Тотенхем, Даниел Леви, сериозно размислува да му врачи отказ на Нуно Еспирито Санто поради слабите резултати.
Тотенхем по десет кола во Премиер лигата има скор од пет победи и дури пет порази, а во последните две кола загуби од Манчестер јунајтед и од Вест Хем.
Пишувањето на Тутомеркато дека Конте е сериозен кандидат за клупата на Тотенхем, го потврди и новинарот на „Газета дело Спорт“, Алфредо Педула кој тврди дека англискиот тим ќе направи буквално сè за да го донесе Италијанецот на клупата.
– Тотенхем е во слободен пад, а ситуацијата на Нуно Еспирито Санто дополнително се влоши по поразот од Манчестер јунајтед. Директорот на клубот, Фабио Паратичи има одличен однос со Конте кој е голема желба и на претседателот Даниел Леви. Паратичи ќе се обиде да го наговори Конте да дојде во Лондон иако е свесен дека тренерот нема да брза со носењето на одлуката – објави Педула.
Антонио Конте од 2016 до 2018 година го предводеше Челси и во 2017 година ја освои титулата, а потоа направи едногодишна пауза по што седна на клупата на Интер со кого минатата сезона триумфира во Серија А.
— Alfredo Pedullà (@AlfredoPedulla) October 31, 2021