Поранешниот претседател на грчкиот парламент, Константинос Тасулас, денеска е избран за нов шеф на државата, а ќе ја наследи Катерина Сакеларопулу, чиј петгодишен мандат истекува во март, објави порталот „Катимерини“.
Шеесет и шестгодишниот Тасулас, адвокат и татко на две деца, е пратеник од 2000 година, а претходно раководеше со Министерството за култура и ја извршуваше функцијата заменик-министер за одбрана.
За Тасулас гласаа 160 пратеници во 300-члениот парламент.
Тасулас беше номиниран за шеф на државата од премиерот Киријакос Мицотакис наведувајќи дека тоа го направил врз основа на политичкото искуство на Тасулас, неговиот обединувачки дух и фактот дека е широко прифатен.
Политичките аналитичари ја сметаат номинацијата на Тасулас како обид на Мицотакис да ја зацврсти својата позиција на власт, објави „Ројтерс“ потсетувајќи дека конзервативната партија на Мицотакис, Нова демократија, има тесно парламентарно мнозинство со 156 места и е под зголемен притисок.
Тасулас ќе положи заклетва на 13 март, кога и официјално ѝ завршува мандатот на актуелната претседателка Катерина Сакеларопулу.
Текстот Константинос Тасулас избран за претседател на Грција е превземен од МАКФАКС.