Од 15 мај ќе започнат градежните работи на Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје. Објектот ќе биде комплетно реновиран и ќе стане енергетски ефикасен преку проектот за подобрување на енергетската ефикасност што се финансира преку Светска банка, а го спроведува Министерството за финансии, во соработка со Министерство за здравство.
Како што соопшти Министерството за здравство, ова е првиот објект од вкупно 18 здравствени објекти кои треба да бидат опфатени со проектот во компонентата наменета за подобрување на енергетската ефикасност на објекти од централно ниво.
Основни цели на проектот се намалување на потрошувачката на енергија во јавниот сектор и поддршка за воспоставување и операционализација на одржлив механизам за финансирање на енергетска ефикасност во јавниот сектор. Инвестициите во обновливи извори на енергија и зголемувањето на енергетската ефикасност на објектите и на локално ниво и на централно ниво, како и во индивидувалните објекти особено се покажа за значајно во време на енергетска криза, велат од МЗ.
Ќе биде заменета електричната инсталација, осветлувањето, системот за греење, ќе биде поставен централен систем за ладење, ќе биде поставена термоизолација на објектот, ќе се изврши реконструкција на кровот, замена на прозорците и вратите и слично.
За време на реновирањето, Министерството информира дека пациентите од оваа Клиника ќе бидат хоспитализирани во Психијатриската болница-Скопје и одделот за психијатрија во Градската општа болница „8 Септември“. Детскиот оддел привремено ќе функционира во ГОБ „8 Септември“-Скопје.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.