Во сите болници и јавно-здравствени установи со поголеми буџети каде што испративме контроли има злоупотреби. Колку контроли ќе успееме да направиме, толку злоупотреби ќе има, изјави денеска на прес-конференција Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), одговарајќи на новинарско прашање колку менаџери во здравството направиле злоупотреби.
Контролите се во тек. Дадовме приоритет на болниците и јавно – здравствените установи со поголеми буџети и поголеми долгови. За жал, мора да кажам дека во сите контроли што ги правиме, има злоупотреби. Не е само несовесното и недомаќинско, туку и незаконско работење во скоро сите контроли досега ги имаме направено. Како ќе завршуваат контролите, така ќе ги доставиме до МВР и до финансиска полиција за тие да ги разгледаат од кривично-правен аспект. Ние сме тука да ги обезбедиме сите потребни докази, изјави Клековски.
Денеска во ФЗОМ се одржа работна средба со претставниците на Владата на чело со премиерот Христијан Мицкоски. На средбата се презентираше работата на Фондот во првите 100 дена на Владата.
На прес-конференцијата Клековски ја презентираше мерка за справување со еден од најголемите проблеми во здравството, а тоа е растечкиот долг на 109-те јавни здравствени установи (ЈЗУ). Долгот само во првото полугодие од 2024 година е зголемен за 1 милијарда денари, односно, долгот е зголемен од 4 на 5 милијарди денари или околу 81 милион евра. Ваквото ниво на долг го загрозува работењето на повеќе ЈЗУ или може да доведе до нивно блокирање.
Планот на Фондот за долгот на ЈЗУ е обезбедување дополнителни средства, со истовремено идентификување на причините за долгот, кои ги има и на приходна и на расходна страна. Причините се движат од несоодветно планирање и финансирање до недомаќинско работење. За илустрација, на Клиниката за радиотерапија и онкологија и покрај јавно декларираните поддршки не се буџетирани потребните финансии, а примери за недомаќинско работење има повеќе.
Воедно, една од најбитните работи е сузбивање на корупцијата и криминалот, одговорност мора и ќе има, бидејќи без тоа нема да има напредок. Истовремено, Фондот со ребаланс на државниот буџет и со заштеди обезбеди средства за намалување на долгот за 2 милијарди денари, односно го намалува од 5 на 3 милијарди. Средствата се распоредени според големината на буџетот и долгот на ЈЗУ, во сите градови и сите подрачја. Околу една третина од ЈЗУ ќе бидат целосно раздолжени, главно здравствени домови, а кај повеќето ќе се избегнат блокадите. Ќе се деблокира и ЈУ заеднички служби, која во моментот е блокирана.
Намалувањето на долгот на одржливо ниво е прв чекор кон целосно решение кое ќе се одвива во текот на 2025 година. Намалувањето на долгот ќе овозможи простор за нови мерки, а Фондот дефинираше неколку пакети мерки и тоа: за онкологија; за жени, мајки и БПО (инвитро); за деца; кардиоваскуларни болести; регионализација; офталмологија; радиологија и друго. Овие пакети ќе бидат објавувани во наредниот период, а ќе се реализираат во следните шест месеци, кажа Клековски.
Според него, најголем пакет ќе биде за онкологија и само за Клиниката за онкологија ќе бидат обезбедени 315 милиони денари или над 5 милиони евра. Овој пакет ќе има над десетина мерки и во дијагностика и во терапија.
Клековски на новинарско прашање околу иселувањето на жителите од Македонија и како тоа влијае на придонесите изјави:
Демографијата е важен фактор при стратешкото планирање на ФЗОМ. Ние, во нашите долгорочни проекции планираме дека ќе имаме помалку популација, со повозрасна популација и популација со повеќе хронични болести, а помал број осигуреници што ќе плаќаат осигурување. Значи од една страна зголемени расходи, а од друга ризик на намалени приходи. Во моментов, надвор од придонесите за здравствено осигурување, најавивме дека ќе воведме финансирање од непридонеси, на пример од акцизата на цигари и алкохол, бидејќи истовремено тоа се работи што го зголемуваат здравствениот ризик а со тоа и здравствениот трошок.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.