Програмата на класична музика на 65. „Охридско лето“ вечерва продолжува со концерт на францускиот квартет „Модиљани“ кој ќе се одржи во црквата „Света Софија“ од 21 часот, во рамки на традиционалната Вечер на Европска унија.
Овој квартет го сочинуваат виолинистите Амари Сојто и Лоик Рио ,виолончелистот Франсоа Кифер и Лорaн Марфан кој свири на виола.
Парискиот квартет „Модиљани“ во 2023 година ја прослави својата 20-годишнина и денес важи за еден од најзначајните гудачки квартети постојано гостувајќи на најдобрите фестивали за камерна музика низ целиот свет. Во 2017 година на квартетот „Модиљани“ му припадна честа да биде прв квартет кој настапил во големата сала на новата „Елбфилхармонија“ во Хамбург. Во 2020 година членовите на квартетот ја добиваат улогата на уметнички раководители на Фeстивалот за гудачки квартети „Вибре-квартети во Бордо“, како и на престижниот Меѓународен натпревар за гудачки квартети во Бордо. Тие се основачи и уметнички раководители на Фестивалот „Сaн Пол де Ванс“, а од 2023 година предаваат камерна музика – гудачки квартет на Високата школа „Алфред Корто“ во Париз.
Од 2008 година квартетот издава носачи на звук за издавачката куќа „Мираре“ и досега имаат издадено 13 ЦД-а. Во 2024 година, нивниот последен албум со музика од Григ и Сметана е позитивно примен од музичката критика: „Францускиот квартет „Модиљани“ ги оживува овие емотивно интензивни дела со енергија, мноштво на бои и сјајна страст“ („Рондо“- јануари 2024). Овој албум се наоѓа на листата најпродавани албуми од класичната сфера и им ја носи Наградата на Германската стручна критика. Во сезоната 2024/2025 квартетот „Модиљани“ е посветен на еден од најголемите потфати во нивната кариера, а тоа е снимањето на сите 16 гудачки квартети од Лудвиг ван Бетовен. Покрај тоа, во октомври минатата година остварија турнеја низ САД, а потоа и концерти во Хамбург, на биеналето на гудачки квартети во „Аудитори“ во Барселона, во Филхармониската сала во Стокхолм и на „Шубертијадата“ во Шварценберг.
Текстот Квартетот „Модиљани вечер на „Охридско лето“ е превземен од МАКФАКС.