По пет успешни години на музичко творештво и настапи на домашната и меѓународната сцена, Камерното трио „Анимато“ ќе го прослави својот јубилеј со свечен концерт насловен „Квинтесенца“. Настанот ќе се одржи утре, 12 мај 2025 година, со почеток во 19:00 часот, во Даут Пашиниот амам во Скопје, во организација на Националната галерија.

Триото во состав Даниела Неделковска (флејта), Симона Марочковска-Манојловска (флејта) и Светлана Димитриевска (пијано), ќе ја претстави својата препознатлива уметничка енергија низ програма која вклучува дела од Доплер, Прокопиев, Илин и Шор.

Во текот на изминатите пет години, Трио Анимато се етаблираше како еден од најактивните камерни состави во Македонија, со настапи во земјата и странство, промовирајќи ја домашната музичка сцена и соработувајќи со бројни истакнати уметници и институции. Овој јубилеен концерт е заокружување на едно успешно поглавје и најавува нови проекти со уште поголема посветеност кон уметничкиот развој и културната промоција.

Влезот е бесплатен за посетителите, а љубителите на класичната музика се поканети да бидат дел од оваа музичка прослава и да уживаат во виртуозната изведба на триото кое го слави своето постоење токму таму каде што традицијата и современоста се сретнуваат – во срцето на Старата скопска чаршија.

Дополнителни информации за концертот може да се најдат на официјалните канали на Националната галерија и Трио Анимато.

Текстот Камерното трио „Анимато“ утревечер со јубилеен концерт „Квинтесенца“, влезот е бесплатен е превземен од МАКФАКС.