Додека државни лидери, кралски височества и високи црковни великодостојници денеска му оддаваа последна почит на папата Франциск во Ватикан, отсуството на британскиот крал Чарлс привлече особено внимание и отвори бројни прашања: зошто монархот не присуствуваше на церемонијата?

Иако кралот Чарлс важи за еден од највлијателните светски лидери, неговото отсуство не е случајно – тоа е диктирано од вековна традиција и строги црковни протоколи што датираат уште од времето на кралот Хенри VIII. Како врховен поглавар на Англиканската црква, британскиот монарх не може да учествува на настани организирани од Римокатоличката црква во својство на крал.

Историските корени на овој став водат до 1534 година, кога кралот Хенри VIII ја основа Англиканската црква поради одбивањето на папата Климент VII да му дозволи развод. Оттогаш, секој британски владетел го носи статусот Врховен гувернер на Англиканската црква, а надбискупот на Кентербери е нејзин главен духовен водач.

Иако кралот Чарлс во минатото лично се сретнал со папата Франциск, неговото отсуство од денешната церемонија е во согласност со долгорочната политика на британската круна. Истата практика ја следеше и кралицата Елизабета II, која никогаш не присуствуваше на погреб на папа.

Во 2005 година, за време на погребот на папата Јован Павле II, тогашниот принц Чарлс присуствуваше како личен претставник на кралицата, непосредно пред сопствената венчавка со Камила. Овојпат, пак, кралското семејство одлучи да го почитува традиционалниот протокол, па на церемонијата во Ватикан присуствуваше принцот Вилијам.

Вреди да се напомене дека кралот Чарлс беше последниот светски лидер кој се сретна со папата Франциск, само две недели пред неговата смрт, за време на државната посета на Италија. Со својата одлука да не присуствува, кралот уште еднаш ја истакна автономијата на Англиканската црква и важноста на почитувањето на историските традиции.

Текстот Каде е Кралот Чарлс? Отсуството од погребот на папата Франциск ја откри вековната тајна на британската круна е превземен од МАКФАКС.