Италијанските власти денеска соопштија дека нападите на Израел врз палестинските цивили во Газа повеќе не се оправдани, што е една од најострите критики на Рим за воената кампања на Израел досега.
– Ситуацијата се влошува. Палестинскиот народ е притиснат, а правата на невините мажи, жени и деца кои немаат никаква врска со Хамас не се земени предвид и тоа повеќе не може да се оправда, изјави министерот за одбрана Гвидо Крозето.
– Со очај ја набљудуваме ситуацијата, додаде тој.
Крозето рече дека Италија начелно се согласува со одговорот на Израел на терористичкиот напад на милитантите на Хамас на 7 октомври врз заедниците во јужен Израел, но додаде дека мора да се направи разлика меѓу исламистичката група и палестинскиот народ.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони и министерот за надворешни работи Антонио Тајани во саботата се сретнаа со палестинскиот премиер Мохамад Мустафа во Рим, повторувајќи ја својата поддршка за прекин на огнот и го повикаа Хамас да ги ослободи израелските заложници.
Италија во неколку наврати нагласи дека Израел има право да се брани од Хамас. Минатата недела официјален Рим соопшти дека одлуката на обвинителите на Меѓународниот кривичен суд да побараат налог за апсење на израелските водачи под сомнение за воени злосторства е „неприфатлива“.