Италија и донираше воен брод на Албанија за да им помогне на Албанците да ја зајакнат својата војска, да ги зголемат патролите на крајбрежјето и да го интензивираат учеството во мисиите на НАТО.
„Libra P 402“, патролен брод од класата „Cassiope“, изграден од Италија кон крајот на 1980-тите, се закотви во западното пристаниште Драч и официјално и беше предаден на Албанија за време на церемонијата на која присуствуваа премиерот Еди Рама и министрите за одбрана на двете земји. На едната страна од бродот беше насликано големо албанско знаме, а бројот на бродот беше променет во P 133.
„Ова е конкретна демонстрација на пријателството меѓу Италија и Албанија и нашата желба да работиме и да соработуваме на воено и економско поле“, рече италијанскиот министер за одбрана Гидо Крозето, повикувајќи ги членките на НАТО на поблиска соработка.
Рама го опиша подарокот како „многу дарежлив и знак на длабоко пријателство и почит“.
Бродот долг 80 метри може да достигне брзина до 20 јазли (37 km/h) и има домет од 3.200 наутички милји (5.900 километри). Главно е одговорен за поморската одбрана и надзор, а има екипаж од 60 членови, хелиодром и гаража.
„Тие ќе служат не само во безбедносни и мировни мисии во водите на Република Албанија во Јадранското и Јонското море, туку и во Средоземното Море за учество во мисиите на НАТО“, најави контраадмиралот Аднан Агастра, шеф на албанската морнарица.
Откако Албанија влезе во НАТО во 2009 година, Италија е еден од најважните поддржувачи на нејзините тековни напори за модернизација на својата војска во согласност со барањата на НАТО.
Текстот Италија и донира воен брод на Албанија е превземен од МАКФАКС.