Португалското правосудство соопшти денеска дека спроведува серија истраги против фудбалски клубови во земјата поврзани со затајување данок.
Во соопштението се наведува дека 40 даночни инспектори и 50 полицајци досега спровеле 20 истраги во клупски простории, како и компании и адвокатски канцеларии со кои соработуваат фудбалските клубови.
Истражителите се сомневаат дека фудбалските клубови и менаџери на нивните фудбалери склучувале договори со кои ги прикривале од даночните власти реалните приходи.
Се проценува дека даночните измами го оштетиле буџетот за околу 15 милиони евра, а медиумите наведуваат дека во прв план на даночната истрага се прволигашите Брага и Виторија Гимараеш.
Во понеделникот беше спроведена рација и во просториите на Порто, а фокусот на истражителите биле провизии исплаќани при трансфер на фудбалери, во вкупна висина од 20 милиони евра. (МИА)