Истече рокот што Русија им го даде на украинските сили на Мариупол да го положат оружјето и да се предадат. Генералштабот на војната во Украина соопшти дека Русија продолжува со офанзивата на Истокот. Претседателот Володимир Зенелски го повика Западот да испрати воена артилерија за да го порази рускиот окупатор.

Advertisements

„Да имавме пристап до целото оружје што ни треба, кое го имаат нашите партнери и кое е споредливо со оружјето што го користи Руската Федерација, веќе ќе ја завршивме оваа војна, ќе го вратевме мирот и ќе ја ослободивме нашата територија од окупаторите. Бидејќи супериорноста на украинската армија во тактиката и мудроста е сосема очигледна“., изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Во своето вечерно обраќање до нацијата, претседателот Володимир Зеленски рече дека ситуацијата во опколениот град Мариупол „останува непроменета“ со непозната судбина на десетици илјади жители. Украина соопшти дека се договорила со Русија за хуманитарен коридор за евакуација на жените, децата и постарите лица од опколениот град Мариупол.

„Јас лично не верувам во никакво ветување или збор од Русија и апсолутно сум сигурен дека нема да си го одржат зборот. Затоа би било добро да дозволат цивилите да ја напуштат територијата на Азовстал или да заминат од градот , но не го дозволија тоа 50 дена, зошто да го дозволат сега? “, нагласи Серги Орлов, заменик градоначалник на Мариупол.

УНХЦР објави дека повеќе од 5 милиони луѓе ја напуштиле Украина од почетокот на руските напади. Исто така, уште 12,5 милиони ги напуштиле своите домови и се преселиле во рамки на земјата. Овој центар во Варшава, Полска е една од првите точки каде што тие се сместуваат.

„Плачеме, сите имаме чувство дека немаме дом. Не се знае каде да одиме, што да правиме, каде да бегаме. Ова е многу страшно“, рече Викторија Савичкина, бегалец од Мариупол.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел утринава отпатува за Киев на средба со претседателот Зеленски.

Фатлуме Дервиши