Илјадници Севернокорејци се испраќаат да работат во Русија во услови слични на ропство за да го пополнат огромниот недостиг на работна сила, влошен од руската инвазија на Украина, дознава Би-Би-Си.

Москва повеќекратно се обратила до Пјонгјанг за помош во војната, од која набавува ракети, артилериски гранати и војници. Сега кога многу руски мажи загинале, на бојното поле или избегале од земјата, постои зголемена зависност од севернокорејските работници, според јужнокорејските разузнавачки служби.

Би-Би-Си разговараше со шест работници кои избегале од Русија од почетокот на војната, како и со владини претставници, истражувачи и активисти кои им помагаат. Тие сведочеа за ужасните услови за работа и сè построгиот надзор за да се спречат бегства.

Еден од работниците, Џин, опиша како, по пристигнувањето на рускиот Далечен Исток, веднаш бил однесен на градилиште под надзор на агент на севернокорејската безбедносна служба. „Надворешниот свет е наш непријател“, му рекол агентот. Џин работел 18 часа на ден на изградба на станбени облакодери.

Сите испитаници опишале подеднакво исцрпувачка рутина – будење во 6 часот наутро и работа до 2 часот наутро, со само два дена слободни во целата година. Спиеле во валкани, преполни контејнери или на подот од недовршени згради, често без греење и само со церади над отворите.

Работниците биле под постојан надзор на агенти од Пјонгјанг, а прекршоци како што е земање слободно време од работа се казнуваат со тепање. „Беше како да умираме“, рече Чан, еден од работниците.

Одењето на работа во Русија во Северна Кореја се смета за престижна можност бидејќи носи подобра заработка отколку дома. Сепак, поголемиот дел од платата веднаш се пренасочува кон државата како „надомест за лојалност“, а на работникот му остануваат само 100 до 200 долари месечно, и тоа дури откако ќе се врати дома, со цел да се спречат бегства.

Тае, кој успеал да избега, рекол дека се чувствувал „како во работен логор, затвор без решетки“ кога дознал дека работниците од Централна Азија заработуваат пет пати повеќе за три пати помалку работа.

Во 2019 година, ОН го забрани вработувањето на Севернокорејци во странство со цел да се намалат приходите за нуклеарната програма на Пјонгјанг, но забраната сега се заобиколува. Според јужнокорејски извори, повеќе од 13.000 Севернокорејци пристигнале во Русија во 2024 година – 12 пати повеќе отколку претходната година, а многумина дошле со „студентски“ визи.

Се очекува оваа година да пристигнат повеќе од 50.000 работници. Повеќето од нив работат на големи градилишта, а некои во текстилната и ИТ индустријата, што е исто така прекршување на забраната на ОН. Рускиот министер Сергеј Шојгу потврди дека 5.000 Севернокорејци ќе бидат испратени за обнова на Курск, а некои може да работат во окупираните делови на Украина.

За да се спречат бегствата, севернокорејските власти воведоа почести идеолошки обуки и „сесии за самокритика“ и речиси целосно ја укинаа можноста за напуштање на градилиштето. Порано, работниците можеа да излегуваат еднаш месечно, сега речиси никогаш, а дури и тогаш во групи од по петмина со постојан надзор. Бројот на оние што успеваат да избегаат од Русија и да стигнат до Јужна Кореја е преполовен од 2022 година, од околу 20 на 10 годишно.

Според професорот Андреј Ланков, работниците ќе останат „траен симбол на воениот сојуз“ меѓу Ким Џонг Ун и Владимир Путин, дури и кога ќе престане испраќањето војници и оружје.

Текстот Исповед на Севернокорејци за Би-Би-Си: Нè праќаат во Русија да работиме како робови е превземен од МАКФАКС.