Иранската Револуционерна гарда го заплени бродот MSC Aries за кој вели дека е „поврзан со Израел“, објави иранската државна новинска агенција ИРНА. Иранците најавија дека ќе го преместат бродот во иранските територијални води, објави Би Би Си.
Операцијата била изведена така што ирански командоси се спуштиле од хеликоптер на бродот кој пловел под португалско знаме. Сето тоа се случило на околу 80 километри североисточно од градот Фуџаира во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), тврди британската трговска поморска служба.
Официјален претставник на иранската одбрана сподели видео на кое се гледаат командоси како се спуштаат од хеликоптер врз куп контејнери на палубата на бродот. Се слуша како член на екипажот на бродот вели: „Не излегувајте“.
Footage shows the moment an “Israeli”-linked ship, MSC Aries, has been captured near the strait of Hormuz by Iranian special forces pic.twitter.com/MaQ2tnd6Qu
— S p r i n t e r F a c t o r y (@Sprinterfactory) April 13, 2024
Од компанијата Zodiac Maritime потврдија дека се сопственици на запленетиот брод MSC Aries, на кој се наоѓале 25 членови на екипажот. Потврдено е дека бродот е пренасочен кон Иран.
„Ние тесно соработуваме со надлежните власти за да ја обезбедиме нивната заштита и безбедно враќање на бродот“, се наведува во соопштението.
„Иран ќе сноси последици ако одлучи дополнително да ја ескалира ситуацијата. Ние сме во состојба на готовност. Ја зголемивме нашата подготвеност да го заштитиме Израел од понатамошна иранска агресија. Подготвени сме да одговориме“, порача портпаролот на израелската армија, Даниел Хагари.
Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац истакна дека Техеран „врши пиратство“ и поради тоа треба да биде санкциониран.
„Режимот на Хамнеи е криминален режим кој ги поддржува злосторствата на Хамас и сега спроведува пиратска операција што го крши меѓународното право. Ја повикувам ЕУ и слободниот свет веднаш да ја прогласат Иранската револуционерна гарда за терористичка организација и веднаш да го санкционираат Иран“, додаде Кац.
Информациите за инцидентот доаѓаат во време на зголемени тензии меѓу Иран и Израел. Светот со денови очекуваше дека Иран или неговите сојузници ќе го нападнат Израел како одмазда за минатонеделниот напад врз иранската амбасада во Дамаск, во кој загина висок командант на иранската Револуционерна гарда и уште шест офицери.
Израел не ја презеде одговорноста за воздушниот напад на иранската амбасада на 1 април, но иранскиот врховен лидер Али Хамнеи рече дека „Израел мора да биде казнет и ќе биде казнет“ за операцијата, за која нагласи како да е извршена на иранска територија.
Командантот на Воената морнарица на Револуционерната гарда на Иран во вторникот рече дека Техеран го гледа присуството на Израел во ОАЕ како закана. Тој посочи дека Техеран може да го затвори Ормускиот теснец, влезот во Заливот, доколку смета дека е потребно.
Фуџаира се наоѓа на источната страна на Ормускиот теснец. Хутите, кои се на страната на Иран, со месеци организираат напади врз бродови во Црвеното Море.
Г. Т.