Интер се искачи на врвот во Серија А и празниците ќе ги пречека како лидер на табелата во Италија, што секако е добра препорака за тоа што ќе следи на почетокот на новата 2022-ра година.
Тимот од Милано игра на извонреден начин во домашното првенство и делува се поуверливо под водство на Симоне Инѕаги, кој се надева дека неговите миленици ќе се прикажат во најдобро светло и во месец февруари кога ќе ги одмерат силите со тимот кој посакувал да го избегне во Лигата на шампионите.
Интер немаше среќа и во повторената ждрепка го доби Ливерпул, ривал кој влегува како апсолутен фаворит во осминафиналниот двомеч со актуелниот италијански првак.
– Знаеме што не чека, Ливерпул беше на врвот на листата на клубовите кои сакавме да ги избегнеме во ждрепката. Сакав да ги избегнам само нив во оваа фаза.
– Не останува друго, мора да се подготвуваме за тој двомеч на најдобар начин и да дојдеме до истиот во најобра форма. Ќе имаме напорни недели во јануари и февруари и ќе видиме како ќе ги пречекаме тие средби, – вели Инѕаги.