Во Културно-информативниот центар – Скопје на 2 октомври во 20 часот ќе се отвори мултимедијалната изложба од ликовниот уметник Христина Крстеска насловена „Инхерентно инертни“
„Колку се стари планините? Колку брзо се движат гребените? Колку длабоко продираат карпите?
Зборот колку навестува нешто мерливо, како што е времето, брзината или длабочината. Но, она по што Христина Крстеска трага во својата уметничка пракса можеби поточно би го опишале со прашалниот збор како.
Во својата пракса, Христина успева да разоткрие и документира дел од јазикот и постапките со кои луѓето се служат обидувајќи се да се соочат со својата немоќ. Сепак, се чини дека во длабоката потрага по возвишеност и значење, луѓето погледнуваат кон карпите и, во нивната величенственост, го наоѓаат во себе токму тоа на што Христина инсистира – нашата способност да ја согледаме вродената оживеаност на целиот свет“, вели Клелија Живковиќ.
Христина Крстеска (1995) е визуелен уметник и истражувач. Има завршено дипломски и магистерски студии на Факултетот за Ликовни Уметности во Скопје, област сликарство но нејзината уметност се базира на мултимедијални практики. Во полето на уметноста таа работи со интердисциплинарен пристап, учејќи за геологијата, со фокус кон истражување на карпести пејзажи кои на било каков начин биле под влијание на човечки активности и разгледувајќи ги геоморфолошките промени кои се случуваат поради антропогени процеси. Во декември 2023 ја издаде својата прва уметничко – истражувачка книга Raw Breathing – Traveling through rockscapes поддржана од студиото Private Print во Скопје. Има реализирано неколку изложби и соработувано со повеќе уметници од македонската сцена. Христина има учествувано и во многу групни изложби, проекти и работилници од партиципативен карактер, социјално ангажирани уметнички практики, неформални уметнички предавања, како и проекти за подигнување на свеста за заштита на животната средина.
Изложбата ќе биде отворена до 14.10.2025 година.
Текстот “Инхерентно инертни“-Мултимедијална изложба на Христина Крстеска е превземен од МАКФАКС.