Едвај да верувате дека во светот има школи за крадци, но е така, постојат и тоа во Индија. Три оддалечени села во индиската држава Мадја Прадеш станаа познати по своите „ училишта за крадци“, каде што децата на возраст од 12 години се обучуваат за џепчии, да крадат и да ограбуваат од искусни криминалци, пренесува Одити централ.

Селата Кадија, Гулкхеди и Хулкеди, кои се наоѓаат на околу 120 километри од Бопал, главниот град на државата, наводно се место за млади криминалци.

Родителите плаќаат „школарина“ од 200.000 до 300.000 рупии (2.400 до 3.600 американски долари; 2.143 до 3.215 евра) за нивните деца да ги совладаат „мрачните уметности“, вклучително и џебни кражби, грабнување торби во толпата, грабежи на банки, избегнување на полицијата , па дури и трпење ќотек во случај на апсење.

Овие таканаречени „школи за крадци“ ги произведоа некои од најозлогласените криминалци во индиската историја и често ги бараат сиромашните и помалку образованите семејства кои не можат да им обезбедат на своите деца соодветно образование.

Родителите се среќаваат со водачите на банди и, откако ќе ја платат школарината, ги испраќаат своите деца на едногодишна обука за криминал, каде што учат различни вештини за иден живот во криминал.

По завршувањето на „школата“ и приклучувањето кон бандите, семејствата добиваат годишна исплата од 300.000 (3.600 долари) до 500.000 рупии (6.000 долари) од водачите на бандите за услугите на нивните деца.

Криминалот е длабоко вкоренет во овие оддалечени села, иако полицијата знае за овие активности, таа може малку да направи бидејќи заедниците секогаш ги штитат бандите. Тие се сомнителни кон странците и ќе се судрат со полицијата доколку се обидат да уапсат некој од нивните редови.