Две работи се сменија во врска со договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, што доведе до договор, кој се чекаше 15 месеци, откри резервниот бригаден генерал на израелските одбранбени сили (ИДФ), Амир Авиви.

„Овој договор е на маса од мај минатата година, но Хамас целосно го отфрли. Зошто? Затоа што немаше вистински притисок врз Хамас“, рече Авиви во средата на Your World.

„Израел сакаше да запре дел од хуманитарната помош, особено испораката на гориво, но администрацијата не ни дозволи да го сториме тоа.

„Што се смени? Две работи“, изјави Авиви за „Фокс њуз“. „Прво, Израел го порази Хезболах, а Хезболах веќе не може да го поддржува Хамас. Исто така, Сирија падна. Иран е послаб. Но, големата промена беше заканата на претседателот Доналд Трамп.

„Кога претседателот Трамп се закани дека, ако не ги ослободат заложниците, ќе следува пекол, мислам дека сфатија оти ако не постигнат договор сега, шансите за постигнување поволен договор ќе бидат многу мали, доколку ги има. Затоа тие направија своја процена и решија да го прифатат договорот верувајќи дека сега ќе го извлечат максимумот од него наместо да чекаат да видат што значи пеколот“, објасни Авиви.

Во средата, советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, призна дека специјалниот пратеник на новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп, за Блискиот Исток, Стив Виткоф, бил клучна фигура во постигнувањето на договорот.

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп на 7 јануари го предупреди Хамас дека „сите елементи на пеколот ќе се отпуштат“ доколку заложниците не бидат вратени до неговата инаугурација.

Договорот треба да стапи во сила на 19 јануари, ден пред инаугурацијата на Доналд Трамп.

Авиви изрази неизвесност дали договорот меѓу двете страни ќе опстане предупредувајќи дека Хамас може да се обиде на разни трикови и да се обиде да го измами Израел на овој или оној начин.

„Ова е само почеток“, нагласи Авиви, „ќе треба да почекаме и да видиме“.

Текстот Израелски генерал: Хамас се согласи на истиот договор како оној во мај 2023 година, пресуди една реченица е превземен од МАКФАКС.