Израелските медиуми објавија дека сите ирански дронови лансирани кон Израел се успешно пресретнати. Командата за цивилна заштита, која издава упатства за засолниште, објави дека граѓаните повеќе не мора да остануваат во близина на засолништата, но сепак се повикуваат да бидат внимателни.

Нападот со беспилотни летала се смета за почеток на иранска одмазда, како одговор на серијата израелски напади во текот на ноќта. Според израелската војска, Иран лансирал повеќе од 100 беспилотни летала, а постои загриженост дека ова би можело да биде само првиот бран од поширок одговор, вклучително и ракетни напади, насочени кон совладување на израелската воздушна одбрана.

Дописникот на Би-би-си истакнува дека времето на оваа ескалација е особено значајно бидејќи американските и иранските претставници требаше да се сретнат во недела за да се обидат да најдат дипломатско решение за кризата околу нуклеарната програма на Иран. Сепак, утрово имаше индикации од Иран дека Техеран нема да учествува во разговорите.

Израелските власти веќе некое време тврдат дека постои добра можност за напад. Иранската воздушна одбрана беше сериозно оштетена во минатогодишните израелски напади, а проиранските групи во регионот, особено Хезболах во Либан, исто така беа ослабени. Израелски извори со месеци алудираа на можна воена акција.

Вечерва тоа се случи: нападот беше насочен кон нуклеарни објекти, воени бази, системи за воздушна одбрана, високи офицери и научници. Иако првиот бран ирански беспилотни летала за одмазда е соборен, речиси е сигурно дека Иран нема да застане тука.

Текстот Израел тврди дека ги соборил сите ирански дронови: „Ова е само почеток на одмаздата“ е превземен од МАКФАКС.