Крајот на војната во Појасот Газа е близу, изјави денес израелскиот министер за одбрана Израел Кац, додека се известува дека дневниот број на жртви на палестинската територија е најмалку 100.

„Се приближуваме кон крајот на операцијата во Газа“, рече Кац во соопштението, една недела откако еврејската држава ја заврши својата кратка војна со Иран.

Тој ги повтори целите на Израел во конфликтот, вклучувајќи го ослободувањето на сите заложници и поразот на исламистичката група Хамас.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави за време на викендот дека очекува наскоро прекин на огнот во Газа. Сепак, не беше јасно на што ја темели својата изјава.

Кац сега се чини дека го потврдува оптимизмот на Трамп, но палестински извори велат дека вчерашниот ден бил уште еден крвав ден во крајбрежниот појас.

Најмалку 34 лица беа убиени во градот Газа, соопшти персоналот на болницата Шифа, откако сведоци пријавија дека во израелски напад било погодено кафуле на шеталиштето.

Меѓу жртвите се наведува дека има неколку малолетници и жени, како и еден новинар.

Групата Хамас, која ја контролира Газа, соопшти дека нападот бил насочен кон камп за раселени лица на плажата.

Израелската војска соопшти дека цел на нападот биле неколку членови на терористичката организација Хамас во северна Газа. Се наведува дека се преземени мерки за заштита на цивилите, вклучително и воздушно набљудување на областа.

Инцидентот моментално е под истрага, се додава во соопштението. Израелската војска не даде информации за можни жртви.

Според палестински медицински извори, најмалку 100 лица се убиени во вчерашните израелски напади.

Текстот Израел: Крајот на војната во Газа е близу е превземен од МАКФАКС.