Иван Јуриќ повеќе не е тренер на Саутемптон, пренесува Фабрицио Романо. Фудбалскиот инсајдер на својот профил на социјалната мрежа „Х“, објави дека Јуриќ го напушта клубот кој не успеа да го задржи во Премиер лигата. Неговиот мандат во Саутемптон траеше од крајот на декември минатата година, односно 108 дена.

Јуриќ потпиша 18-месечен договор со англискиот премиерлигаш откако го раскина договорот со Рома. Хрватскиот тренер го наследи Расел Мартин, го презеде тимот со цел да го зачува статусот во Премиер лигата. На седум кола пред крајот на Премиер лигата, јасно е дека Саутемптон следната сезона ќе игра во Чемпионшип.

„Ова е голем предизвик, но јас сум оптимист бидејќи гледам тим кој може да биде подобар. Важно е веднаш да се поврзам со навивачите. Сакам агресивен тим и верувам дека тоа ќе им се допадне на навивачите на Саутемптон. Сакам да бидеме поагресивни, да притискаме повеќе. Ќе мора брзо да го промениме нашиот менталитет бидејќи тоа е мојата фудбалска идеја“, рече Јуриќ во декември по потпишувањето на договорот.

Јуриќ не успеа да го постигне тоа што го сакаше. На 14 натпревари на клупата на Саутемптон во Премиер лигата оствари една победа (Ипсвич 2:1), едно реми (Кристал Палас 1:1) и 12 порази.

Прелесно испаднавме од лигата и тоа е проблем на неколку нивоа. Сега е важно да ги разбереме сите грешки и да се обидеме да создадеме нешто добро“, изјави Јуриќ по испаѓањето.

Веста за заминувањето на Јуриќ се уште не е објавена на официјалните профили и страници на клубот.

Текстот Иван Јуриќ повеќе не е тренер на Саутемптон е превземен од МАКФАКС.