Често слушаме колку е важно да внесуваме доволно протеини, но многу луѓе сè уште се прашуваат дали ги задоволуваат своите дневни потреби.

Протеините се клучни за поправка на клетките, одржување на мускулите, хормонска функција и имунитет.

Ако не внесуваме доволно, може да се појават разни симптоми кои често се игнорираат или се припишуваат на други причини. Препорачаниот дневен внес е 0,8 грама на килограм телесна тежина, но вистинските потреби зависат од возраста, нивото на активност и здравјето.

Луѓето во одредени животни фази, како што е перименопаузата, честопати имаат потреба од поголем внес. Нутриционистите Ребека Блејк, Тамар Самуелс и Даниел Пашко објаснуваат кои знаци можат да укажуваат на недостаток на протеини.

Постојан глад

Ако не внесуваме доволно протеини, можеме да се чувствуваме како постојано да сме гладни, вели Самуелс.

„Зголемениот апетит може да биде природен начин на телото да се обиде да го зголеми внесот на протеини за да ги задоволи своите нутритивни потреби“, објаснува таа за Параде.

Глад може да се појави и ако внесуваме доволно калории, но не доволно протеини.

Проблеми со косата, ноктите и кожата

Бидејќи косата, ноктите и кожата се направени од протеинот кератин, недостатокот може да предизвика видливи промени. Пашко истакнува дека недостатокот на протеини може да доведе до опаѓање на косата и кршливи нокти, а Блејк додава дека кожата може да стане сува.

Според UCLA Health, сето ова се индикатори за недостаток на оваа важна хранлива материја.

Ненамерно губење на тежина

Кога на телото му недостасуваат градежните блокови за одржување на мускулната маса и ткивото, може да се случи ненамерно губење на тежина.

„Луѓето кои јадат малку протеини често губат тежина иако не сакаат, што укажува на недоволен внес“, истакнува Самуелс.

Блејк додава дека ниските нивоа на протеини, исто така, можат да предизвикаат губење на мускулите, што дополнително влијае на телесната тежина.

(Фото: ЕПА)

Текстот Знаци кои покажуваат дека не внесувате доволно протеини е превземен од МАКФАКС.