Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес во Брисел им упати низа клучни пораки на европските лидери, зборувајќи за трансатлантското единство, мировните напори, територијалните прашања, безбедносните гаранции и пристапувањето на Украина во Европската Унија.
„Клучно е Европа да остане обединета како што беше во 2022 година. Тоа силно единство е неопходно за да се постигне вистински мир“, рече Зеленски.
Тој нагласи дека убиствата мора да престанат: „Путин има многу барања, но не ги знаеме сите. Ако навистина има толку многу колку што слушнавме, ќе биде потребно време да се разгледаат сите. Тоа не може да се направи под закана со оружје.“
Тој повика на прекин на огнот и што е можно поскоро да се работи на конечен договор: „Ќе разговараме за ова во Вашингтон. Путин не сака да го запре убивањето. Но, тој мора да го стори тоа.“
Зеленски истакна дека вистинските преговори бараат вистински темели: „Ова значи дека можат да започнат таму каде што е сега линијата на фронтот. Контактната линија е најдобрата основа за разговори. Европејците го поддржуваат тоа и ние сме благодарни на сите.“
Зборувајќи за територијалното прашање, Зеленски беше јасен: „Уставот на Украина го оневозможува откажувањето од територија или нејзината размена за нешто друго. Ова е прашање за кое можат да разговараат само лидерите на Украина и Русија, во трилатерален формат – Украина, САД, Русија.“
Тој додаде дека засега нема индикации дека Русија се согласува со таков формат и дека во случај на одбивање, ќе мора да следат нови санкции.
Зборувајќи за безбедносните гаранции, Зеленски ја поздрави подготвеноста на Америка да соработува со Европа:
„Тоа е значајна промена. Но, засега нема детали за тоа како ќе изгледа – каква ќе биде улогата на Америка, што ќе може да направи ЕУ.“
„Ни требаат гаранции што ќе функционираат во пракса, како Член 5 од НАТО“, рече Зеленски.
Украинскиот претседател додаде дека го смета пристапувањето на Украина во ЕУ за дел од безбедносните гаранции: „Претседателот Трамп рече дека САД и Путин го гледаат тоа подеднакво. Затоа разговаравме за преговорите за пристапување во ЕУ.“
Зеленски нагласи дека не смее да има одвојување на Украина и Молдавија: „Тоа би бил многу лош потег. Доколку се случи таква поделба, тоа би значело дека Европа е поделена во однос на Украина и дека нема унифицирана и силна позиција за гаранциите. Многумина во Европа гледаат дека поделбата само ќе ја влоши ситуацијата.“
Зеленски зборуваше и за помагањето на децата: „Разговаравме за поддршка на украинските деца во училиштата. Нашата програма за училишен оброк им овозможува на децата од секое семејство во војна да добијат барем еден топол оброк. Учебната година е пред почеток и ја замолив Урсула да ни помогне да ја подобриме таа програма.“
Конечно, тој се осврна на санкциите против Русија: „Благодарен сум за 18-тиот пакет санкции. Мора да го подготвиме 19-тиот за Русија да разбере дека сме сериозни. Ни е јасно дека стратешката насока на Русија е антиевропска и затоа мора да продолжиме да го ограничуваме нејзиниот потенцијал.“
Текстот Зеленски: Украинскиот Устав не допушта тргување со територии е превземен од МАКФАКС.