Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина стои зад својот предлог за 30-дневен прекин на огнот со Русија, иако официјална Москва не одговорила на понудата.

„Понудата на Украина за прекин на непријателствата и воспоставување прекин на огнот од најмалку 30 дена останува на сила. Ние не го повлекуваме овој предлог, кој би можел да ѝ даде шанса на дипломатијата“, рече Зеленски во редовното вечерно обраќање на платформата Икс.

Тој додаде дека „апсолутно е фер што руското небо, небото на агресорот, денес не е мирно“, признавајќи дека Украина извршува напади со беспилотни летала врз цели на територијата на Руската Федерација, според Ројтерс.

Зеленски зборуваше неколку часа пред да стапи во сила тридневниот прекин на огнот предложен од Русија за одбележување на годишнината од победата над нацистичка Германија во Втората светска војна.

Текстот Зеленски: „Украина стои зад својата понуда за 30-дневен прекин на огнот“ е превземен од МАКФАКС.