Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави синоќа дека речиси 60 проценти од оружјето што го користи украинската армија се произведува во Украина. Тој, во своето редовно вечерно обраќање до нацијата, додаде дека ова претставува надминување на целта што ја поставил пред два месеца.

– За време на војната, Украина стигна до тоа речиси 60 проценти од оружјето што е во рацете на нашите војници да биде украинско производство, рече Зеленски во видеообраќањето.

– И тоа се моќни оружја, со низа модернизации, нагласи тој.

Зеленски и други украински претставници со месеци го истакнуваат напредокот во домашното производство на оружје како клучен фактор за идната одбрана на земјата.

Во обраќањето тој се осврна и на заедничкиот проект за производство на оружје со Данска. Во јули, Зеленски го повика новото владино раководство да обезбеди најмалку 50 проценти од оружјето за армијата да се произведува во Украина.

Тогаш тој наведе дека украинското производство обезбедува околу половина од оружјето на армијата – највисоко ниво од прогласувањето на независноста на земјата во 1991 година.

Текстот Зеленски тврди дека речиси 60 проценти од оружјето што го користи украинската армија се произведува во Украина е превземен од МАКФАКС.