Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија се обидува да ја продолжи офанзивата во вториот по големина град во земјата, Харков, но и во два други града.

Advertisements

„Сега руската армија се обидува да собере сили за повторно да го нападне Харков. Ние го ослободивме овој регион и тие сакаат да го направат тоа повторно. Гледаме, таму има милион и пол жители. Миколаев е постојано бомбардиран, со речиси половина милион жители. Тие сакаат да го заземат и целосно да го уништат Славјанск – пред војната имало 100.000 жители“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Зеленски рече дека вооружените сили на Украина прават се што можат за да ги одбијат руските напади, но дека им треба и повеќе оружје од западните земји.

„Се разбира, ќе направиме се што е можно да ги запреме напаѓачите, да го заштитиме народот. Но, за да го направиме тоа побрзо, потребна ни е поддршка, модерно вооружување, оружје што ќе има подобри капацитети од оружјето на руската армија. Затоа трошам толку многу емоции, толку многу време и толку многу труд за да ги убедам сите наши партнери да ни дадат моќно оружје. Ова е прашање на живот и смрт“, нагласи Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Запрашан за перспективите на Украина за членство во ЕУ, Зеленски рече дека главната придобивка од добивањето кандидатски статус е „мотивацијата“ за украинскиот народ. Зеленски ги даде забелешките во видео- говор на форумот во Милано, Италија, еден ден пред премиерот Марио Драги да одржи главен говор пред италијанскиот Сенат за континуираната поддршка за санкциите, а особено за оружјето за Украина. /Алсат