Во деновите кога Киев тврди дека постигнува поопипливи резултати во повеќемесечната контраофанзива, украинскиот претседател Володимир Зеленски го разреши министерот за одбрана Алексеј Резников, кој го предводеше одделот уште пред почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.
Зеленски во ноќното обраќање рече дека е време за „нов пристап“ во Министерството за одбрана.
Како наследник на Резников, Зеленски го предложи Рустем Умеров, кој раководи со Фондот за државна сопственост на Украина.
„Верувам дека на министерството му треба нов пристап и други форми на интеракција и со армијата и со општеството во целина“, рече украинскиот претседател.
Тој рече дека верува оти украинскиот парламент ќе го поддржи неговиот предлог, велејќи: „Есента е време кога треба да станеме посилни“.
Украинските медиуми шпекулираат дека Резников ќе биде назначен за нов амбасадор во Лондон, каде што има развиено добри односи со високи функционери.
Овој 57-годишник и стана познат на пошироката јавност уште од почетокот на војната во Украина.
Резников редовно присуствуваше на состаноците со западните сојузници на Украина и имаше клучна улога во лобирањето за испраќање и набавка на воена опрема.
Но, неговото соборување се очекува веќе некое време.
Минатата недела Резников им рече на новинарите дека анализирал други позиции со украинскиот претседател.
Според локалните медиуми, поранешниот министер за одбрана изјавил дека веројатно би се согласил доколку Зеленски му понуди да работи на друг проект.
Украинскиот советник за одбрана Јуриј Сак изјави за Би-Би-Си дека Резников ја водел реформата на министерството, поставувајќи ја основата за идното членство во НАТО.
„Неговото најголемо наследство е тоа што ги убеди министрите за одбрана ширум светот дека невозможното е можно“, рече тој, алудирајќи на успешното лобирање на Резников кај странските влади за снабдување со оружје на Киев.
Сепак, експертите забележаа дека реконструкцијата на кабинетот веројатно нема да доведе до некоја голема промена во стратегијата на бојното поле на Украина, додека генералот Валериј Залужњи – командантот на вооружените сили на Украина – сè уште е на чело.
Смената на Резников уследи по почетокот на борбата против корупцијата во администрацијата на Зеленски, а овој сегмент, заедно со управувањето, е еден од суштинските барања на Европската унија за Украина да се приклучи на европската заедница.
Според Индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл, Украина е на 116-то место од 180 земји.
Иако Резников не беше обвинет за корупција, во Министерството за одбрана имаше голем број скандали поврзани со набавка на стоки и опрема за армијата по многу повисоки цени од реалните.
Претходно оваа година, Вјачеслав Шаповалов, заменик на Резников, поднесе оставка.
Украинските медиуми тогаш пишуваа дека Резников едвај се задржал на функцијата.
Во тоа време, тој рече дека стресот што го претрпел е „тешко да се измери точно“, додавајќи дека неговата „совест е апсолутно чиста“.
Тамошните медиуми неофицијално пишуваат за неговите високи политички амбиции на идните претседателски избори.
Министерството за одбрана, исто така, беше погодено од неколку неодамнешни апсења во регионалните единици за регрутирање, каде офицерите беа обвинети за примање мито за да им дозволат на мажите да избегнат регрутирање во украинската армија.
Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан кон крајот на минатата недела се состана со високи украински функционери за борба против корупцијата и ги повика да продолжат да се борат со сите такви случаи „без оглед на тоа кој е вклучен“.
Умеров, кој ќе го замени Резников, ја претставуваше Украина во мировните преговори на почетокот на руската инвазија. /fokus.mk