Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска се обрати пред албанскиот Парламент. Тој зборуваше за теророт што го доживува народот од почетокот на руската агресија на 24 февруари.
Advertisements
„Вчера, како резултат на ракетно бомбардирање во градот Одеса, животот го загуби 14-годишно момче, а уште еден 17-годишник е ранет. Секој ден Украинците губат деца од руските напади… Сакаат да одат понатаму, не сакаат да запрат. Ова е најлошата тиранија некогаш видена од дваесеттиот век наваму“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина
Претседателот Зеленски бара Албанија да ги затвори пристаништата за Русија и да не дозволува руски туристи.
„Ве молам да ги затворите пристаништата за руските бродови, ве молам да го ограничите доаѓањето на туристите. Не знаете кој може да дојде кај вас да се одмора, тоа може да биде некој убиец од Буча или џелат од Мариупол“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина
За време на говорот Зеленски ја спомена Мајка Тереза како најдобар пример за љубов кон човештвото.
„Се сеќавам на Света Тереза, Албанката која стана симбол на љубовта кон човештвото ширум светот. Таа го научи човештвото да го победи злото. Верувам дека со работа заедно со сите Европејци, ќе можеме да ја запреме оваа војна и да ја заштитиме Европа“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина
Албанскиот премиер Еди Рама пак, јасно стави до знаење дека Албанија е на страната на Украина и оти со таквиот придонес ќе учествува на донаторската конференција во Полска на 5 мај, но не кажа ништо конкретно за барањата на Зеленски.
„Нашата понова историја кога половина милион Албанци беа раселени од нивните земји ни помага оддалеку да ја почувствуваме големата болка на Украина. Вашиот непоколеблив отпор на чело на државата, сите страни во оваа трагедија, покрај екстремните жртви, се непроценлива услуга што вие и вашата земја му ја давате на целиот свет“, изјави Еди Рама, премиер на Албанија. /Алсат.мк