Претседателот на САД, Доналд Трамп, се врати во Белата куќа со мисија да ја спаси Америка, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во интервју за државната руска новинска агенција ТАСС.

Захарова направи паралела со поранешниот американски претседател Барак Обама.

„Го видовме Обама, кој ја доби Нобеловата награда за ништо. Или поточно, само за да го спречи да падне во спиралата на некој светски конфликт. Не знам дали сфатија дека тој не ги разбира светските работи и ќе се впушти во нешто, или априори решија да го смират тој змеј“, рече таа.

„И еве го гледаме политичарот (Трамп) кој дојде да ја спаси Америка. Тоа е неговата главна задача. Тој не дојде да ја спаси вселената, не дојде да го спаси светот, дојде да ја спаси Америка“, додаде таа.

Таа вели дека ситуацијата во Соединетите Американски Држави е „благо речено, тешка“.

„Само погледнете ја големината на националниот долг, а да не зборуваме за внатрешната ситуација. Мислев дека вакви сцени има само во Филаделфија, во Детроит. А вчера испратија видео од Лос Анџелес, го погледнав, луѓето едноставно умираат на улиците. Ова не е хипербола, вистина е“, продолжи Захарова.

Захарова вели дека Трамп, и покрај тоа што се фокусира на домашните проблеми, посветува значително внимание на ситуацијата околу Украина.

Таа додаде дека денес „дури и зборувањето за мир стана чин на храброст откако многумина беа казнети за тоа со санкции, бришења, откажувања и обиди за физичко уништување“, заклучи портпаролката на руското Министерство за надворешни работи.

Фото: принтскрин

Текстот Захарова: САД се во тешка ситуација, луѓето во Лос Анџелес буквално умираат на улиците е превземен од МАКФАКС.