Извештаите на западните медиуми дека средбата меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марк Рубио наводно е одложена се „инфо-фарса“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

„Оваа ситуација може да се сумира само во една фраза: „Протекувањето информации од CNN ги побива гласините на Ројтерс“. Мој совет: не учествувајте во ова ширење информации“, рече Захарова во коментар за агенцијата РБЦ, реагирајќи на наводите на американскиот телевизиски канал CNN.

Заменик-министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Рјабков потврди дека датумот на средбата сè уште не е утврден.

„Не можеме да одложиме нешто за кое не е договорено. Не го потврдивме она што некои западни извори го напишаа вчера. Сè уште немаме јасно разбирање за времето и локацијата на таков контакт“, рече Рјабков, додавајќи дека идејата за средба постои, но дека конкретен договор не е постигнат.

Според извештајот на CNN, по телефонскиот разговор меѓу Рубио и Лавров, американските претставници оцениле дека Русија не покажала доволно „флексибилност“ во својата позиција во врска со Украина, па затоа, како што тврдат, „средбата е одложена на неодредено време“. Истиот извор, сепак, наведува дека Рубио и Лавров би можеле да одржат уште еден телефонски разговор во текот на оваа недела.

Кремљ претходно објави дека министерствата за надворешни работи на двете земји продолжуваат со координацијата пред очекуваната средба меѓу претседателите на Русија и Соединетите Американски Држави.

Фото: принтскрин

Текстот Захарова: Инфо-фарса за наводното одложување на средбата меѓу Лавров и Рубио е превземен од МАКФАКС.