Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска ја критикуваше Минхенската безбедносна конференција. Таа рече дека конференцијата се обложува на режимот во Киев, а не на безбедносната политика, пренесува ТАСС.

„Конференцијата во Минхен е фантастична приказна за змија која не само што си ја одгриза опашката, туку и почна да се проголтува себеси“, рече таа.

„Минхенската конференција порано беше место за сериозна дискусија за прашања од меѓународната политика и можност за искрен дијалог. Тоа не беше место за малтретирање, туку можност да се разговара за горливите прашања, проблемите на европскиот континент и неговата безбедност, и да се презентираат фактите искрено и отворено, наместо да се читаат прирачници што делегациите на западните земји ги добија од центар во Брисел“, посочи Захарова.

Таа е убедена дека денес другите платформи играат водечка улога во меѓународните дискусии, а како пример ги наведе форумот Валдаи во Руската Федерација и конференциите одржани во Белорусија, Индија, Катар, Обединетите Арапски Емирати и Турција.

„Нема свирежи во салата кога се кажуваат важни работи што не се совпаѓаат со идејата на група држави. Нема платени другари кои седат на тие платформи кои почнуваат да трескаат врати, да викаат или да настапуваат ако на говорницата излезат оние што се поблиску до вистинските настани. Таму се чува и негува културата на дијалог и почит“, рече Захарова.

Текстот Захарова за безбедносната конференција во Минхен: Тоа е змија што си ја голта сопствената опашка е превземен од МАКФАКС.