Заедничка изјава од САД, Обединетото Кралство, Франција, Германија и Италија со поддршка на напорите за деескалација на конфликтот на Блискиот Исток

Премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер преку својот Фејсбук профил ја објави заедничката изјава заедно со лидерите на САД, Франција, Германија и Италија за ситуацијата на Блискиот Исток.

Ние, лидерите на САД, Обединетото Кралство, Франција, Германија и Италија разговаравме за ситуацијата на Блискиот Исток. Ја изразивме нашата целосна поддршка за тековните напори за деескалација на тензиите и постигнување договор за прекин на огнот и ослободување заложници во Газа, стои на почетокот на заедничката изјава.

Во неа понатаму се вели дека лидерите потписници на заедничката изјава го одобриле заедничкиот повик од претседателот Бајден, претседателот Сиси од Египет и Амир Тамим од Катар за обновување на разговорите подоцна оваа недела со цел да се склучи договорот што е можно поскоро и нагласуваат дека нема повеќе време за губење.

Сите страни мора да ги исполнуваат своите обврски, се вели во изјавата.

Дополнително, потписниците на изјавата велат дека е потребна неограничена испорака и дистрибуција на помошта и ја изразија нивната поддршка за одбраната на Израел од иранската агресија и од нападите на терористичките групи поддржани од Иран. Истовремено го повикаа Иран да се откаже од своите тековни закани за воен напад против Израел и дополнително разговарале за сериозните последици за регионалната безбедност доколку се случи таков напад.

Како потписници на заедничката изјава стојат: Џо Бајден, претседател на САД; Емануел Макрон,  претседател на Франција; германскиот канцелар Олаф Шолц; премиерката на Италија, Џорџа Мелони и премиерот на Обеднетото Кралство, Кир Стармер.

Драган Мишев