Вулканската активност е зголемена на популарниот туристички остров Санторини во Грција.
Зголемената вулканска активност во грчкото туристичко жариште Санторини го натера министерот за цивилна заштита да свика состанок со локалните власти и службите за одговор при катастрофи.
Министерството за климатски кризи и цивилна заштита објави дека сензорите откриле „блага сеизмичко-вулканска активност“ во кратерот на вулканот Санторини. Слична активност на тој простор имаше и во 2011 година, кога траеше 14 месеци и заврши без никакви проблеми.
Научниците кои го надгледуваат грчкиот вулкански лак, кој се протега од Пелопонез во јужна Грција преку островите Киклади, забележале зголемување на активноста на централната линија на раседот во северниот дел на кратерот на вулканот Санторини, се вели во соопштението, пренесе Бета-АП.
„Според научниците, врз основа на моментално достапните податоци, нема причина за посебна загриженост“, нагласуваат од Министерството.
Островот Санторини е една од најпопуларните туристички дестинации во Грција, привлекувајќи посетители од целиот свет со своите варосани куќи покрај работ на карпата на поплавениот вулкански кратер кој сега е море.
Тоа беше место на една од најголемите вулкански ерупции во историјата на човештвото, во бронзеното доба околу 1620 година п.н.е., уништувајќи голем дел од островот и давајќи му ја на Санторини сегашната форма.
Иако сè уште е активен, вулканот на Санторини ја имаше својата последна значајна ерупција во 1950 година.
„Вулканот на Санторини произведува многу големи експлозии на секои 20.000 години“, изјави Ефтимиос Лекас, сеизмолог и шеф на Научниот комитет за следење на грчкиот вулкански лак, за грчката државна телевизија ЕРТ во четвртокот. „Поминаа 3.000 години од последната експлозија, така што имаме многу време пред да се соочиме со голема експлозија“, вели тој.
Лекас рече дека вулканската активност се зголемува и намалува и може да предизвика мали земјотреси: „Вулканот е жив организам“, рече тој, додавајќи дека „нема да се соочиме со голема експлозија, туку со блага, постепена активност“.
Текстот Забележана зголемена вулканска активност на популарниот грчки остров Санторини е превземен од МАКФАКС.