Од 8 до 14 март пријавени се 43 нови случаи на голема кашлица, со 14 отсто намалување споредено со претходниот седмодневен период, објави во денешниот извештај Институтот за јавно здравје. Најголем дел се во рамките на епидемијата во Скопје, а пријавени се случаи и во Тетово, Гостивар и во Битола. Возраста на заболените се движи до 40 години. Најголем број случаи се од возрасните групи деца од 10 до 14 години.
Од новите случаи, пет се хоспитализирани. Станува збор за четири деца на возраст под една година и едно од возрасната група од една до четири години, се наведува во најновиот седмичен извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен попладнево.
Заклучно со 14 март во Република Македонија се регистрирани вкупно 216 случаи на голема кашлица, со инциденца од 11,8/100 000 жители. По однос на место на живеење, најголем број лица живеат во Скопје – 190 или 88,0 проценти во четиринаесет различни општини, осум лица се од Тетово, петмина живеат во Куманово, во Гостивар три и по еден случај е регистриран од Струга, Струмица, Дебар, Крива Паланка, Битола, Кавадарци и од Кочани – појаснуваат од ИЈЗ.
Од вкупниот број регистрирани случаи, 122 случаи или 50,05 отсто не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација. Од случаите кои се комплетно вакцинирани, просечно поминато време од последната доза на вакцина до заболување изнесува 12,7 години. Од заболените, регистрирани се 36 лица со хоспитализација – 16,7 проценти и тоа 31 или 86,1 отсто од нив на возраст до четири години.
Кога станува збор за Скопје и бројот на вакцинирани лица од 18 јануари до 14 март, согласно податоците доставени од ЈЗУ Здравствен дом – Скопје, од Службите за вакцинација – Гази Баба, Чаир, Карпош, Кисела Вода и Центар, беше утврдено дека се пронајдени 14.388 деца пропуштени за вакцинација. Од нив вакцинирани се 7.151 или 49,7 проценти. Од вакцинираните, најголем број и процент примиле прва ревакцина – 3.796 или 55,6 проценти. Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 9.084 деца на возраст до седум години, а најголем број и процент 5.390 или 59,3 отсто од вакцинираните деца, примиле прва, втора или трета доза на примовакцинација. Вкупниот број дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација – прва, втора, трета доза или ревакцинација – прва, втора ревакцина, на територија на Скопје во периодот од 18 јануари до 14 март изнесува 16.235“, пишува во извештајот.
Без Скопје од 18 јануари до 14 март, од доставените податоци од центрите за јавно здравје, пронајдени се 7.702 деца пропуштени за вакцинација, од нив се вакцинирани 3.328 или 43,2 отсто. Од вакцинираните, најголем број и процент примиле прва ревакцина 1.705 или 51,3 проценти.
Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 9.451 дете на возраст до седум години, а најголем број и процент 4.905 или 51,9 отсто од вакцинираните примиле прва или втора доза на ревакцина. Вкупниот број дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација – прва, втора, трета доза или ревакцинација – прва, втора ревакцина, во периодот од 18 јануари до 14 март изнесува 12.779“, покажуваат податоците на Институтот.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.