За две недели ќе биде објавена нова позитивна листа на лекови што не е ажурирана 15 години, најави денеска министерот за здравство Арбен Таравари на брифинг со новинарите.
Тој кажа дека во следниот период приоритет е осовременување на позитивната листа на лекови и како новина е имплементирањето национална фармацевтска политика со посебен фокус на квалитет и достапност на фармацевтските производи.
Ќе имаме и нов Закон за лекови со кој ќе обезбедиме квалитетни лекови во државата но и ќе побараме рационално користење и препишување на лековите за да има лекови секаде, но и да бидеме внимателни да нема злоупотреба на лековите, рече денеска министерот за здравство.
Таравари, на денешниот брифинг со претставници на медиумите информираше дека веќе е објавен тендерот за набавка на нови компресори за хируршките клиники од страна на службата за општи и заеднички работи на клиниките.
Посебно внимание во следниот период посветуваме на регионализација на здравствените услуги и на мотивирање и стимулирање на докторите од клиниките да работат во болниците во другите градови. Исто така, планираме стратегија во соработка со Медицинскиот факултет за стимулирање на докторите да се запишуваат на дефицитарните специјализации, како што се педијатрија, анестезиологија, радиологија и друг дефицитарен кадар, рече министерот Таравари.
Во моментот се работи и на изнаоѓање решение за дигитализација во здравството, како и за унапредување на дигиталната инфраструктура.
Таравари најави и дека секоја среда ќе биде отворен телефонски број на кој граѓаните ќе може да се јавуваат и да пријавуваат кај министерот за проблеми и неправилности во здравствениот систем. Концептот е насловен „Пријави кај министерот“, сличен на „Ало, Таравари“ кој го промовираше во 2017 година кога првпат беше назначен за министер за здравство.
Ќе има и ненајавени контроли во јавното и во приватното здравство од страна на државниот здравствен и санитарен инспекторат.
Клиничкиот центар да биде организиран по терк на Словенија, планира Таравари, да има еден генерален директор, еден економски директор и двајца помошници директори.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.