Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека протестите на северот на земјата се организирани по директива на официјален Белград и тие не ја одразуваат волјата на српскиот народ на Косово. Курти за време на расправата во Собранието на Косово рече дека институциите постапиле согласно законот и додаде дека длабоко верува во трајно пријателство со Соединетите Американски Држави.
„Мојата влада длабоко верува во трајно пријателство со Соединетите Американски Држави, Европската Унија и пошироко, ние сме суштински трансатлантски, Соединетите Американски Држави и Европската Унија заедно едни со други и со нас, но пристапот кон Косово и Србија не може да биде исто, Србија е автократска земја, Србија не е демократска земја“, рече Курти.
Курти ги спомена имињата на оние кои, според него, се организатори на немирите на север. Курти рече дека главна улога во организирањето на демонстрантите на терен имаат припадниците на илегалната формација на таканаречената цивилна одбрана и поранешните припадници на косовската полиција.
„Оваа територија никогаш не била нивна, оваа територија е угнетувана од нив, не е нивна, затоа е многу важно ова да им биде јасно на сите, сакаме да помогнеме во демократизацијата и европеизацијата на Србија, но не плаќаме цена како држава и како територија за ова“, додава Курти.
Опозицијата, пак, упати остри критики кон Курти во врска со ситуацијата на северот на земјата.
„За прв пат нè доведовте во ситуација кога американскиот државен секретар Блинкен јавно не осудува. Не само тоа, туку тој е најважен бидејќи нашиот однос со САД е свет. Не дозволуваме да го загрозите, бидејќи е свет. Не можете да го одржите суверенитетот дури ни во вашата канцеларија без поддршка од САД“, рече Мемли Красниќи, претседател на ДПК.
Претседавачот на Алијанса за Иднината на Косово, Рамуш Харадинај, побара оставка од Владата, повикувајќи ги пратениците да поднесат барање за недоверба.
„Недоверба до степен на нелојалност од страна на шефот на Владата на Косово кон безбедносните сојузници кои се уште се гаранција за нашата безбедност. Кој има корист од ова освен Путин и Русија? Поради оваа причина, ве замолувам да одиме со недоверба и да ја разрешиме Владата на Курти“, рече Рамуш Харадинај, претседател на АИК.
Во меѓувреме, членот на Комисијата за надворешни работи на американскиот Сенат, Крис Марфи, изјави дека САД треба „агресивно“ да се ангажираат на Балканот и ги обвини косовските власти за актуелните тензии на северот на земјата. Специјалниот пратеник на Европската Унија за дијалогот Косово-Србија, Мирослав Лајчак и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, се очекува следната недела да ги посетат Косово и Србија. Нивната посета има две главни цели: намалување на тензиите на северот на Косово и продолжување на работата на имплементација на Договорот што води кон нормализација на односите помеѓу Косово и Србија.
Семра Мусаи