Жена од Нигерија е запалена жива во северниот нигериски град Касуван-Гарба откако беше обвинета за богохулство против пророкот Мухамед, соопшти полицијата.
Полицијата го осуди убиството на жената, потврдувајќи дека е во тек истрага. Жртвата беше идентификувана во локалните медиуми како Амаје, продавачка на храна. Локалните медиуми цитираа сведоци кои велат дека мажот на шега ѝ предложил брак на продавачката, а нејзиниот одговор бил сметан за богохулство од некои луѓе во областа.
„За жал, ова доведе до напад од толпа и таа беше запалена пред полициските засилувања да стигнат на местото на настанот“, рече портпаролот на полицијата Васиу Абиодун. Тој апелираше до јавноста да остане смирена и да не го зема законот во свои раце по убиството, кое се случи во саботата.
Ваквите убиства не се невообичаени во северна Нигерија, каде што богохулството се смета за кривично дело според исламскиот закон, кој се спроведува заедно со секуларниот закон во 12 претежно муслимански држави.
Групата за човекови права Амнести Интернешнл предупреди дека богохулството често се „користи како оружје за пресретнување лични пресметки“ во северна Нигерија. „Мало несогласување или расправија, честопати намерно оркестрирано, води до обвинувања за богохулство, а потоа толпа веднаш го линчува обвинетиот“, соопшти Амнести Интернешнл.
Во 2022 година, студентката, Дебора Самуел, беше претепана и жива запалена во државата Сокото откако беше обвинета за давање богохулни коментари. Минатата година, месарот Усман Буда беше каменуван до смрт во истата држава под слични околности.
Иако уставот на Нигерија ја поддржува слободата на говорот, земјата останува длабоко поделена по прашањата за религијата и правдата. Врховниот суд на Нигерија во минатото пресуди дека обвиненијата за богохулство мора да се докажат на суд, пишуваат светските медиуми.
Фото: принтскрин
Текстот Жена од Нигерија запалена жива откако беше обвинета за навреда на пророкот Мухамед е превземен од МАКФАКС.