Истрагата за пронаоѓањето на 31 дете во куќа во Брчко е во тек, а „Кликс“ пишува дека неофицијалните информации што ги имаат укажуваат дека долги години во зградата функционирала дива градинка за која знаеле соседите.

Сега е отворено прашањето дали тоа било параван за трговија со луѓе, бидејќи одредени детали може да укажуваат на тоа, додаваат од порталот.

Да потсетиме, сопственичката на куќата во која беа пронајдени 31 дете, Захида Ѓого од Брчко е уапсена поради сомнение дека сторила три кривични дела заедно со уште седум други лица: трговија со луѓе, трговија со деца и запуштање или злоупотреба на деца.

Уапсени се и нејзиниот син и жената која престојувала во објектот, која потекнува од областа Бања Лука и најверојатно е италијански државјанин. Во случајот се вклучени и истражители од Хрватска, како и ЕУРОПОЛ. Хрватски „Индекс“ извести дека од полициски извори дознале дека во Брчко биле пронајдени претежно деца Роми. Помал број од нив имале хрватски пасоши, но нивниот идентитет и оригиналност се уште се проверуваат.

Според извори од порталот Кликс, како и локални жители, Ѓого во 2018 година основала нелегална градинка во нејзината куќа, каде што чувала деца. За пошироката заедница, ништо околу ова не беше спорно, дури ни фактот дека децата никогаш не биле во пространиот двор од куќата.

„Ја познавам Захида многу години, нејзиниот сопруг почина минатата година, а таа живееше во куќата со нејзиниот син. Знаев дека таа е бебиситерка и не најдов ништо чудно за тоа. Знаев дека има деца, но не дека имало толку многу. Јас навистина не разбирам зошто имало толку многу деца таму. Секој ден гледав родители како ги носат и земаат своите деца. Никогаш не излегуваа во дворот, беа затворени во куќата“, изјави за Кликс еден од соседите на Захида.

Куќата во која престојувале децата ја обезбедува полиција, а соседите не сакаат јавно да зборуваат за целиот случај. Исто така, покрај вкупно осуммина осомничени и досега уапсени, полицијата сослушала и неколку родители на децата, меѓу кои и татко од Хрватска кој вчера бил во Брчко, пишува Кликс.

Според информациите потврдени за Кликс, децата пронајдени во куќата биле на возраст од новороденче до 12 години, биле во прилично запуштена состојба, а откако биле преместени, под надзор на надлежните служби, биле сместени во локален хотел во областа Брчко.

Текстот Жена од Брчко создала дива градинка во својот дом: дали тоа било параван за трговија со луѓе, пишува „Кликс“ е превземен од МАКФАКС.