Гордите Украинци, пресреќни што победија на Евровизија, преименуваа една железничка линија во „Стефанија експрес“, по името на победничката песна, надевајќи се дека ќе победат во војната со Русија.
Шефот на железничката служба на Украина најави дека возот број 43, кој сообраќа од Киев до Ивано-Франковск, ќе се преименува во „Стефанија експрес“, а секогаш кога возот ќе застане на железничките станици во Киев, Калуш и Ивано-Франковск, ќе се пушта победничка песна.
Украинскиот оркестар Калуш триумфираше во Италија со песната „Стефанија“, која е спој на рап и традиционална народна музика, а е посветена на мајката на фронтменот на бендот, Олех Псиук.
„Многу сме среќни за победата на Украина и се надеваме дека нема да победиме само на Евровизија“, рече еден жител на Киев, мислејќи на победата во војната.
Во неделата, бендот објави ново видео за победничката песна во која Украинки спасуваат деца од гранатирани и уништени градови.
Мајката на Олех Псиук, Стефанија, на новинарите им изјавила дека била многу збунета кога случајните минувачи ја замолиле за заедничка фотографија на пазарот во нејзиниот роден град.
Микола Лациук, шанкер од Киев, смета дека учеството на бендот на натпреварот е поважно од победата.
„Најважно е што момците отидоа и настапија. Тие нè поддржаа, а ние нив. Тоа е важно“, рече тој.