Русија ја користи храната како оружје и е виновна за ниските цени на земјоделските производи во ЕУ, изјави денеска белгискиот министер за земјоделство Дејвид Кларинвал по претседавањето со состанокот на неговите колеги во Брисел.
„Забележавме присуство на земјоделци пред зградите на Советот на ЕУ, ова е уште еден од многуте слични настани во Европа“, посочи тој.
„Земјоделците ги трпат последиците од многу тешката состојба на пазарот и се загрижени за својата иднина. Главните прашања што ги поставуваат се поврзани со строгите европски правила за заштита на животната средина во нивните активности. Гледаме зголемена различност помеѓу нивното секојдневие и европското законодавство. Русите го користат прашањето за храната, особено житото, како оружје. На ниските цени влијаеја и руските акции во Украина“, додаде Кларинвал.
Тој додаде дека европските земјоделци го поставуваат прашањето за разликите во условите под кои работат тие и нивните колеги надвор од ЕУ.
„Земјите од ЕУ се обединети во ставот дека работите не можат да останат како што се и дека се потребни итни решенија“, рече Кларинвал.
Тој појасни дека белгиското претседателство со Советот на ЕУ побара предлози за поедноставување на правилата, дека се добиени над 500 идеи, кои се предадени на Европската комисија.
„Ќе продолжиме да го поддржуваме украинскиот увоз на земјоделски стоки, но потребно е подобро решение за тоа како тие да стигнат до пазарите надвор од ЕУ. Русите ја користат ситуацијата за да ги дестабилизираат Европа и Украина“, нагласи Кларинвал.
Еврокомесарот за земјоделство Јануш Војчеховски рече дека ќе предложи и следната година да се продолжи државната помош што им се доделува на европските земјоделци.
„Целиот европски пазар е веќе зафатен од украинскиот увоз на земјоделски стоки, а тоа се должи пред се на руските постапки и на пречките што ги создава за превозот во Црното Море“, истакна Војчеховски.
Според него, ЕУ во последните две години извезла стока во Украина за околу 10 милијарди евра повеќе отколку што увезла од оваа земја, но во областа на земјоделството европскиот извоз бил за 6 милијарди евра, а увозот од Украина бил за 25 милијарди евра.