Непроценливи се последниците врз глобалната економија по најавата за построги санкции кон Русија. Втората транша на санкции кон Русија донесени по состанокот на земјите членки на ЕУ ги опфаќа руските банки кои во иднина нема да можат да позајмуваат пари од ЕУ, и нема да се тргува со нивните акции.
Санкциите го опфаќаат и енергетскиот сектор со што ќе се прекине снабдувањето со резервни делови и друга технологија за руската авијација.
„Овој пакет вклучува финансиски санкции насочени кон 70 отсто од рускиот банкарски пазар и клучни државни компании.го таргетираме енергетскиот сектор, клучна економска област која особено е во корист на руската држава“, рече Урсула Фон Дер Лајен- Претседателка на Европската Комисија.
Сепак САД и ЕУ не постигнаа договор за исклучување на Русија од финансискиот систем СВИФТ каде има над 10 илјади финансиски институции и корпорации во повеќе од 200 земји. Земјите членки се согласија дека ова ќе биде последниот чекор превземен кон Русија која ќе биде изолирана земја во размената со финансиите.
Реципроцитет во воведувањето на санкции најавија од Москва. „Возвратните мерки нема да бидат идентитични со санкциите против Русија, но ние сме свесни за слабоста на Западот и подготвивме цел пакет санкции кои ќе ги примениме“ – изјавила Валентина Матвијенко, претседателка на рускиот парламент.
Цената на нафтата денеска надмина над 100 долари за барел, но од ОПЕК рекоа дека е рано да се преземат мерки.
„Состојбата е навистина комплицирана и нестабилна, сепак на пазарот му е потребно повеќе време, за потоа да се донесе одлука“, соопштија од Организацијата на земјите извознички на нафта.
Денеска на светските берзи, цената на природниот гас се намали на 1.200 долари за 1000 метри кубни откако вчера достигана 1.400 долари, а цената на акциите кои беа во колапс, постепено растат. Цената на пченицата останува рекордно висока што е очекувано бидејќи Украина и Русија обезбедуваат речиси 30% од светскиот извоз на пченица и 20 проценти од светските резерви на пченка.
Андреа Чобанова