Дисфункционалните црвени крвни зрнца (еритроцити) придонесуваат за оштетување на крвните садови забележано во случаи на тежок ковид, покажаа лабораториските студии, кои исто така истражуваат начини за лекување на овој проблем.
Научниците веруваат дека кај многу пациенти хоспитализирани поради тешка форма на COVID-19, се оштетени ендотелните клетки што ги обложуваат крвните садови, што може да резултира со згрутчување на крвта, оштетување на органи и други здравствени компликации.
Дисфункционалните еритроцити обично се деформирани, имаат слаби мембрани кои лесно се кршат или немаат ензими потребни за правилно функционирање и одржување на еластичноста, овозможувајќи им непречено да патуваат низ тесните крвни садови.
Предизвикување воспаленија
Нова мала студија спроведена со лабораториски тестови на крвта на 17 умерено болни пациенти со COVID-19 и 27 здрави доброволци ја потврди претпоставката за „длабока и трајна ендотелијална дисфункција“ која се развила како резултат на инфекција со коронавирус, објавија истражувачите во списанието JACC: Basic to Translational Science.
Во споредба со еритроцитите кај здравите луѓе, црвените крвни зрнца кај пациенти со умерен до тежок ковид ослободуваат помалку корисни молекули на азотен оксид и повеќе штетни молекули кои предизвикуваат воспаление, објасни еден од научниците што ја спроведе студијата, д-р Али Махди од Универзитската болница Каролинска во Стокхолм.
Тој и неговите колеги откриле дека во комбинација со покачени нивоа на одреден ензим, воспалителните молекули ја оштетуваат слузницата на крвните садови, што резултира со тоа што садовите не успеваат да се вратат во првобитната состојба на правилен начин.
Поништување на дисфункцијата
Д-р Махди рече дека забележаната дисфункција на еритроцитите може да се „поништи“ со помош на лекови кои го враќаат нормалното ниво на ензими и го ограничуваат производството на штетни молекули. Тој рече дека уште не се знае дали наодите од епрувета може да се повторат во истражувањето на пациентите.
Експериментот беше изведен на оригиналната форма на коронавирусот, па сè уште не е јасно дали црвените крвни зрнца се слично засегнати во случај на инфекции предизвикани од други варијанти на SARS-Cov-2.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.